Славчо Калан: РК „Струга“ опстојува 70 години затоа што стружани ракометот го носат во срцето и во душата

По повод 70 години постоење на РК „Струга“,  утре во спортски центар „Тими“ ќе се игра ревијален натпревар во кој на терен се враќаат стари и млади ветерани кои ќе играат со сегашниот состав на РК Струга. Во чест на јубилејот ќе се направи спој меѓу младоста и искуството, токму затоа, во студиото на Play radio денеска гостуваа претставници од двете спортски генерации. Славчо Калан, стар ветеран и сегашен тренер на РК Струга и Кристијан Мечкароски кој што е дел од сегашниот тим на клубот.

Play radio:  Ако направиме една ретроспектива на ракометот во Струга, кажете ми што ракометот за Струга значи денес, а што порано? Како се развиваше РК Струга низ годините, со сите свои подеми и падови?

Славчо Калан: Кога зборуваме за ракометниот клуб „Струга“, може да се напише една цела енциклопедија. Струга не е значајна само во македонскиот ракомет туку и пошироко. Во струшкиот клуб дојдов во 1973 година и тогаш се’ се одвиваше на основа на љубов кон спортот и играњето ракомет. Ние многу го сакавме клубот, игравме за градот и за публиката. Во тоа време, сите живеаа чекајќи да дојде недела за да гледаат ракомет во Струга. Денеска за жал сето тоа е извештачено.  Денеска сите сакаат да бидат ракометари, некои ракометот го гледаат од материјалната страна. Не е добро тоа што има поедницни кои сакаат од ракометот  да направат бизнис и да профитираат по секоја цена. Сепак, најважна е „хемијата“, ракометот треба да се чувствува во срцето и во душата. Ракометот не се сака само додека се гради кариера, туку и потоа. Во РК „Струга“ се докажа дека добар клуб се гради со добра управа, со луѓе кои го жртвуваат своето време кое би требало да го поминат со своите најблиски и постојано се на ракомет, дежурни и одговорни. Важно е да се работи несебично. Во таа смисла, морам и сакам да ги споменам, Владо Калајџи, Стефан Милев, Крсте Илоски, Крсте Јованоски, Наум Наумоски, Ристо Башур, Перо Стерјов и други. Овие луѓе покрај својата стандардна работа во која имаа премногу обврски, секогаш наоѓаа време за ракометот и за клубот.

Play radio: Споменавте дека порано имало многу поголема љубов и поголема посветеност. Сега сте тренер на клубот, со кои методи се обидувате да ја вратите таа суштина и истата да ја всадите кај помладата генерација ракометари? Како е да се биде тренер во денешно време и какви промени претрпел процесот на тренирање и учење во овој спорт?

Славчо Калан: Сега сум В.Д тренер, но и порано бев тренер и тоа токму на таа генерација ракометари како што се Наумче Мојсоски, Златко Мојсоски, Ацо Јоноски…..тоа е генерација која излезе од Струга, и беа на одреден начин носители на државната репрезентација. Во Струга низ годиниве имаше многу заслужни кадри на тренери и сето тоа си го направи своето. Ние живеевме со клубот како едно семејство во тоа време. Инаку, сега е многу полесно да се биде тренер за разлика од порано. Ако сакав да видам како Вардар игра со некого, морав да патувам во Скопје, денеска е се достапно преку интернет. Не зборувам само за следење на натпревари, и информации кои се потребни за спортот и играта има на интернет. Порано немаше многу спортски сали, тоа тогаш беше хендикеп, а денеска нема град без спортска сала. Не велам дека не треба уште, далеку сме од Европа, но можности има.

Play radio: Утре ќе играте натпревар што е претпоставувам значаен за вас иако е ревијален. На другата страна ќе имате ветерани од кои учите. Кои се вашите очекувањата, на тој натпревар имате цел да учите или да победите?

Кристијан Мечкароски: Утрешниот натпревар е сепак ревијален и резултатот е во втор план.  Ќе играме со играчи чии имиња испишаа значајна историјата во клубот.  Имаат голем придонес во развојот на клубот, играчи кои сме ги гледале и навивале како деца. Сме учеле од нив и секако во иднина нивните совети секогаш ке ни бидат добредојдени. Очекувам прекрасна атмосфера, натпревар кој многу ќе значи и за нашите понатамошни кариери, но истовремено е и натпревар за многу емоции поради големиот јубилеј.

Play radio: РК „Струга“ се врати во супер-лигата после 15 години, Вие имате среќа да бидете дел баш од овој тим кој се врати на голема врата, колку сте задоволни од постигнатите резултати до сега?

Кристијан Мечкароски: Ми претставува голема чест и задоволство што сум дел, а посебно капитен на оваа генерација која успеа да се врати во супер лига. Секогаш може повеќе и подобро,  сепак најважно е што ќе го сочуваме статусот „суперлигаш“. Следната сезона ќе имаме поголемо искуство и самодоверба за постигнување поголеми резултати. Зошто да не и учество во „плеј офф.“

Play radio:Имаш ли соништа и планови да играш за репрезентација? Струга е позната по ракометни таленти кои излегле од клубот за да ги остварат своите цели на повисоко ниво?

Кристијан Мечкароски: Сите имаат такви соништа, но во моментов за мене РК „Струга“ е најдобра опција. Инаку, играта за репрезентација или трансвер во странски клубови е желба и сон на секој ракометар. Тоа е добро и за клубот, и за нашата земја и за спортот воопшто.

Play radio: После 70 години постоење, кои се предизвиците со кои се соочува клубот?

Славчо Калан: Морам да се надоврзам на Кристијан, следната година навистина клубот ќе биде со поголемо искуство и со поголема самодоверба. Искуство е да се игра и  надвор, но не по секоја цена. На пример, не е поентата да отидеме до Германија и да се прошетаме. Поентата е Струга да направи тим. Морам да кажам дека Наумче Мојсоски си ја знае и си ја разбира работата, тука е и Ристо Калајџиески како директор, и тој исто така беше спортист. Зборуваме за луѓе кои не се надовр од ракометната сцена и не „паднаа од на Марс“. Но, фали поддршка од општината, од државата, од спортските агенции. Финансиите повторно се болно прашање. Клубот имаше свои успони и падови, но ние сме традиционално добар клуб, далеку подобар од неколку клубови кои излегоаа од своите земји и играа и во Европа. Но пак ќе кажам, ние не одиме по секоја цена. Струга кога и да „паднела“ знаела повторно да се издигне. Секогаш се паѓало само поради глувоста на институциите кои требало да не’ поддржат.

Strugaonline

Facebook Коментари