Струга ќе добие нов прволигаш, ,,Енхалон“ од следната сезона ќе бара сениорски бодови

- Локални, Спорт
696

„Младинскиот“ Енхалон од следната сезона ќе бара сениорски бодови. За следната сезона во план е да се пријават за настап во Прва лига.

Струга е еден од градовите кои се расадници на ракометни таленти и кои даваат голем број на репрезентативци, а и во моментов има неколку кои што ги бранат боите во сите генерации. Ова е мал град, но има дури четири клуба од кои три се машки (Струга, Енхалон и КЛ7) и еден женски (Стружанка). Секоја од овие екипи располага со солиден број на деца од најразлична возраст кои ги покажуваат своите квалитети и се борат за место во екипите. Меѓу овие тимови еден од помладите е составот на Енхалон, со кој раководат Дејан Костески, Крсте Костески и Мартин Мојсоски.

Клубот постои една деценија, а веќе почнуваат планови за негово приклучување и во сениорскиот систем на натпревари така што останува да се види дали овие планови ќе бидат реализирани.

,,Досега тимот учествуваше во лигите во младинските категории, а голем број од ракометарите кои почнале со играње во Енхалон сега се дел од тимовите од Супер лигата. „Клубот постои од 2011 година. Имаме тимови во младински категории. Работиме со пионери, кадети, младинци… но повеќето од нив заминуваат или во екипата на Струга или во Вардар или Металург а сега и во Пелистер. На некој начин ние работиме за другите клубови и немаме како да се заштитиме или да ги задржиме во нашите редови“, вели Дејан Костески.

„Името Енхалон е практично старото име на градот Струга. Во превод значи Јагула. Од овој клуб потекнуваат повеќе играчи кои сега настапуваат во другите тимови, а меѓу нив е и репрезентативецот Марио Танкоски. Ние работиме напорно и допрва ќе следат уште квалитетни ракометари кои ќе произлезат од Енхалон“.-додава Котески

Веќе се зацртани планови дури за следната сезона, кога клубот би можел да се најде во сениорска конкуренција.

„Нашата цел во моментов да градиме тим кој би можел веќе од следната година да се натпреварува во Првата машка лига. Сакаме да бидеме дел и од сениорските натпреварувања. Сметам дека имаме доволно играчи за да можеме добро да бидеме покриени на секоја позиција. Играњето во Првата лига би го искористиле секако за што е можно поголемо уигрување на играчите“. Во клубот има осумдесетина деца кои работат во повеќе категории. Сите се поделени според возраста и се работи со нив. „Струга е расадник на таленти и тука во моментов опстојуваат три машки и една женска екипа. Тешко е да се најдат доволно термини за да можеме да тренираме бидејќи сите се речиси веќе распределени, па мораме да се снаоѓаме. Уште една сала би завршила многу работа. Во нашиот тим имаме 80 членови, кои се поделени и селектирани по категории. Најмалите се 8 до 10 години, а најголемите 17-18 години. Со екипата работиме тројца тренери. Покрај мене тука се и тренерот на голманите и поранешен младински репрезентативец, Крсте Костески и кондицискиот тренер Мартин Мојсоски, кој е исто така дипломиран професор“.-потенцира Котески.

Меѓудругото, во план е десеттиот роденден оваа 2021 година да биде прославен со организација ракометниот турнир Енхалон Куп, кој доколку дозволат условите може да биде и меѓународен.

,,Оваа година славиме десет години од нашето постоење и планираме да направиме прослава за роденденот со организирање на турнир за млади категории. И минатата година го планиравме тоа и имавме пријавено тимови од Србија и Хрватска, но ситуацијата со коронавирусот не спречи во намерата. Сепак, за оваа година се надевам дека ќе можеме да го направиме тоа. Доколку дозволат условите тогаш ова би се случувало од 18-20 Јуни “- вели Костески.

Енхалон во моментов е пријавен за настап во младинските категории за кои уште се очекува како ќе се играат. Во најава од ракометната федерација е да се одигра турнирски систем на натпревари. Од клубот информираат дека  периодов интензивно тренираат и се во исчекување на пролетната сезона.

Strugaonline

 

Facebook Коментари