Свечено отворен новиот објект на ЕК „Снегар“-големиот пожар е минато

- Локални, Спорт
1228

Изгубена натпреварувачка флота, изгубени спомени, трофеи и богата архива, успешна спортска приказна градена од 1972 година исчезна за миг. – Ова беше сликата и чувството за едриличарскиот клуб „Снегар“ на 21-ви јули годинава, кога објектот во кој беше сместен клубот во голем пожар изгоре до темел.

Денеска, три месеци подоцна, Снегар повторно блесна во полн сјај, во сосема нов објект.

На свеченото отварање прв се обрати претседателот на федерацијата, Влатко Кавај.

„Благодарение на помошта од Агенцијата за млади и спорт, која во целост не’ поддржа, заедно со едриличарите со вложени над 3000 волонтерски часови успеавме да го изградиме опожарениот објект во целост. Изгубената флота брзо ќе ја надоместиме и се надевам дека идната сезона 2020 ќе биде далеку поуспешна и поплодна на спортски план.“ – рече Кавај.

Претседателот на СДММ и директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, изрази чест и задоволство што е присутен на отворањето на објектот кој што многу значи за стружани.

„Спомените, историјата на овој клуб, ни дадоа мотив и желба овој објект повторно да го направиме како што доликува. Целта е „Снегар“ повторно да биде гордост на стружани и гордост на спортот воопшто. После само три месеци и неколку дена од пожарот, денеска сме тука во еден современ објект кој што многу значи за едриличарството. Во еден разговор, претседателот на едриличарската федерација рече дека ова е еден од најдобрите и најсовремените објекти во регионот. Така праќаме една силна порака до сите, дека државата е тука да помогне во насока на сите она што е изгубено, да биде повторно вратено во шини.“ – изјави Каевски.

Тој се заблагодари на едриличарите-волонтери кои помогнаа во процесот за објектот повторно да биде ставен во функција и едриличарството да се врати на вистинскиот пат.

На свеченото отварање присуствуваше и Евроамбасадорот Самуел Жбогар кој рече дека денеска е во друштво на луѓе кои негуваат и практикуваат европски вредности.

„Во време кога многумина се разочарани бидејќи очекуваат ЕУ да им го промени животот на подобро, среќен сум што сум во друштво на луѓе кои веќе ја донесоа Европската унија овде, со тоа што ги живеат и практикуваат европските вредности. „Снегар“, како еден од најстарите клубови во земјава, создаде генерации млади луѓе кои се грижат за културното и природното наследство на Охридското езеро и прават се’ што е во нивна моќ да го заштитат. Клубот ги учи едриличарите како да живеат со природата, да се грижат за животната средина и да практикуваат здрав живот. Клубот ги учи едриличарите на тимска работа и солидарност.“ – рече Жбогар.

Евроамбасадорот го поздрави ентузијазмот на едриличарите кои, како што вели, покажаа дека ниту една загуба не е непремостлива и изрази убеденост дека со помош од власта, општината, спортските здруженија и поединци кои ја препознаваат важноста на „Снегар“, клубот ќе застане повторно на нозе и ќе биде подобар од претходно.

На свеченото отварање присуствуваа едриличари, познавачи на едриличарството и љубители на овој спорт од сите генерации.

Извор и фото: Strugaonline

Facebook Коментари