Работници со ниски примања и годинава ќе одат на одмор во Струга, Охрид и други туристички места

- Локални, Македонија
171

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција го најави стартот на мерката – организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 22.000 денари, која е во рамки на  Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2019 година, објавена во „Службен весник“ од 23 јануари годинава.

„Со оглед на зголемениот интерес на граѓаните, и оваа година ќе продолжиме со мерката преку која на работниците со ниски примања им се овозможува користење на годишен одмор. Владата на Република Северна Македонија  преку програмата на Министерството за економија,  во 2017 година  почна да ја спороведува  оваа мерка со цел да даде подршка на домашниот туризам, но во исто време на семејствата со ниски месечни примања да користат одмор во туристичките центри во земјата“, рече Бектеши.

Оваа мерка ги постигна резултатите уште во првата година. Во 2018 година беа издадени над 1700 потврди, што значи толку семејства искористија одмор во туристичките места низ државата  ,што резултираше со раст на бројот на домашни туристи во 2018 година за 12 %, во споредба со 2017. Притоа, најпосетени места беа Охрид, Попова Шапка, Маврово, Берово и др.

„Оваа година издвоивме 20.000.000 денари за оваа цел, така што сите вработени кои ги исполнуваат условите месечните примања во семејството да не надминуваат нето приход од вкупно 22.000 денари, ќе имаат право на субвенции од 15.000 денари. Корисниците на овие ваучери ќе имаат на располагање голем број категоризирани хотели во земјата за сместување кои се претходно пријавени во Министерството за економија и со кои имаме склучено Договор за соработка“, истакна Бектеши.

Јавниот повик е веќе објавен, а ќе трае до 30 август, додека користењето на годишниот одмор ќе може да се реализира најдоцна до 30 ноември 2019 година. Документите потребни за аплицирање веќе се ставени на веб-страната на Министерството, како и деталите за потребната документација, а можат да се обезбедат и преку архивата на министерството.

Листата на хотелите во Струга, Охрид, Попова Шапка, Берово, Дојран и Преспа, со кои се склучени договори, може да се најде на веб страницата на Министерството за економија.

„По принципот парите кај граѓаните, преку оваа мерка имаме за цел да им овозможиме на семејствата со ниски приходи, со поддршка на државата да го искористат правото на годишен одмор и, истовремено, да им дадеме поддршка на хотелиерите и угостителите да работат со исполнети капацитети и надвор од туристичката сезона, со што го стимулираме развојот на домашниот туризам“, потенцираше Бектеши.

И според статистичките податоци бројот на домашни туристи континуирано се зголемува, па во април годинава во однос на април минатата година е зголемен за 6,5 отсто, а на ноќевањата за 3,3 отсто,  додека во периодот јануари – април годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на домашните туристи е заголемен за 5,4 проценти, а кај ноќевањата реализирани од домашни туристи за 4,4 проценти.

Strugaonline

Facebook Коментари