Мерсиха Исмајлоска: Aлиса е свет на возрасни, погледнат со очи на дете

- Локални
2188

За сите љубители на литературата, најавувамe промоцијата на книгата „Чудесните светови на Алиса“ од авторката Мерсиха Исмајлоска која ќе се одржи денеска со  почеток во 17:00 часот во Кафе-бар „Шила.“  За инспирацијата при создавањето на ова дело, како и мотивите кои ја ткаеле содржината зборувавме токму со авторката која денеска ве кани на чај и книга.

Strugaonline:  Во најавата за промоцијата велите дека Вашата книга „Чудесните светови на Алиса“ги обработува книгите „Алиса во земјата на чудата“ и „Алиса во светот на огледалото“ од Луис Карол и нивните интерпретации во визуелните уметности и воопшто во културата. Како дојдовте до идеја да направите еден ваков осврт и која беше главната порака која сакате да им ја испратите на читателите?

Мерсиха Исмајлоска:  Алиса, ме следи уште од детството. Ги обожавав цртежите во неа, уште пред да научам да читам. Од денешен аспект, Алиса нуди читање кое открива слоеви и слоеви кои воопшто не се наивни. Таа е светот на возрасните, погледнат со очи на дете. Таа е воспевање на необичното и чудното и прифаќање како дел од себе. Алиса е љубопитка која не се плаши од тоа што се околу неа е невообичаено, природно и доаѓа да разговара дури и со животни и цвеќиња. Има поглавја во „Алиса во светот на огледалото“ во кои самите илсутрации, доаѓаат како коментар на текстот, што е доста интересно. Многубројните илустрации на „Алиса“, почнувајќи со оние на Џон Тениел се показ дека книгата и приказната сеуште живеат. Филмските адаптации, нудат визуелни претстави на темата кои обилуваат со оригиналност. Би ги спомнала Тим Бартон, Волт Дизни, Даниел Барнс, Тери Гилијам, Ник Вилинг и многу други…

Алиса е присутна како инспирација кај надреалистите, особено кај Салвадор Дали. На нејзино визулено обликување работеле и  Меги Тејлор, и Зденко Башиќ, кои исто се предмет на мојата анализа.

Како резултат  на работа со овој мотив пред некој година студентот Влатко Дојчиноска на УИНТ, Охрид, одбрана дипломска која претставуваше компјутерски генериран свет инспириран од Алиса.

Алиса го следи Белиот Зајак и тоа патешествие и е најважното во нејзиниот живот. До Земјата на Чудата, се стигнува само преку сонот. Токму симболиката која ја носи мотивот, сонот, патот, ме поттикна да ги здружам зборот и сликата и преку Алиса да покажам зошто и каде се допираат. Текстот е теоретски, но верувам во него може да се препознае и друга порака освен онаа на теоријата на книжевноста, а тоа е дека чудото е можно.

Strugaonline: Кој се’ ќе присуствува на промоцијата и на кој начин промоторите ќе ја доближат содржината на оваа книга до присутните во кафе бар „Шила“?

Mерсиха Исмајлоска:  На промоцијата се добредојдени, сите кои веруваат дека ќе поминат едно интересно попладне со темите за „Алиса“. Промоцијата почнува во пет часот попладне, англиското време за чај, како алузија на Лудата чајанка со Лудиот Шапкар, едно од најзначајните поглавја на книгата. Таму ќе ве чекаат и колачи и печурки од Земјата на чудата.

Промотори се проф. д-р Лидија Капушевска Дракучевска, ментор на мојата докторска од која произлезе оваа книга и м-р Александра Јуруковка, критичар и есеист.

На промоцијата ќе не пречека Лудиот Шапкар, кој ќе биде модератор на настанот.

Strugaonline: Текстот го исфрла прашањето „Кој сум?“, како клучно низ патот на спознавањето и како клучно за уметничкиот процес. – стои меѓу другото во описот на кратката содржина  на Вашата книга. На кој начин преку „Чудесните светови на Алиса“ ги гледаме сите лица на себе си, како дете, како возрасен и созреан лик и како човек кој сонува?

Мерсиха Исмајлоска:  Убаво прашање. Можеби на начин на кој нема да ни се допаднат отпрво, но кои мораме да ги прифатиме како дел од себе, како би можеле да дојдеме до она суштинското во кое и детето и возрасниот човек се едно исто, кое се буди за повторно да ги открие соништата. Во цел тој процес изразот, интелектуалниот или креативниот, а најмногу човечкиот е повеќе од потребен, за да ни дозволи да го кажеме она што сме, а во тоа спознание има огромно количество на љубов.

Strugaonline:  Ќе успееме ли од оваа книга да научиме да бидеме деца?

Мерсиха Исмајлоска: Не знам, но би сакала. Ако некој успее нека ми каже.

Strugaonline

 

Facebook Коментари