Црвен крст Струга – хуманите мисии се култура на живеење во нашиот град

- Интервју, Локални
2476

Будењето на свеста за хуманоста како основна вредност во човековото живеење претставува основен приоритет во работењето на Црвен крст Струга. За сите проекти и активности на оваа општествена организација која е важен општествен чинител и има за цел да им помогне на поединците и семејствата кои се на маргините од општественото живеење разговаравме со Наташа Хиохи – претседател на ,,Црвен крст” Струга.

Strugaonline: Црвен крст Струга постојано реализира проекти за помош на семејства и поединци на кои тоа им е повеќе од потребно. Во моментов и во Струга и во повеќе градови низ земјава реализирате проект под мотото ,,Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности”. Кои активности се преземаат по тој повод?

Наташа: „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности” е проект кој континуирано долги години се имплементира во нашата земја. Меѓу другото, целта на овој проект е вклучување на младите со различна етничка припадност во заеднички проекти за изградба на взаемното разбирање, толеранцијата и културата на дијалог.  Во склоп на овој проект младите волонтери започнаа со прибирање на донации на мебел и градежен материјал, се со цел да се подобрат условите за живеење на едно семејство од с. Луково. Но, тоа не е единствен проект. Општинската организација на Црвен крст Струга се грижи и за постарите лице кои се во лоша финансиска состојба, но истовремено се грижиме и за нивното здравје со помош на медицински лица.

Strugaonline: Да позборуваме за волонтерите при Црвен крст – Струга. Ова е важен сегмент од нивното живеење и градење на основни вредности како и позитивни навики да им се помага на другите. Истовремено, важно е да ги мотивираме сите млади ентузијасти кои сакаат да бидат корисни и да се активираат преку волонтирање во Црвен крст.

Наташа: Волонтерите во Црвениот крст се посебна приказна на која сме исклучително горди. Млади, а многу зрели и хумани личности кои се полни со ентузијазам да помогнат и да учествуваат во реализација на сите проекти во нашата општествена организација. Младите волонтери се пример и за возрасните, токму тие се главниот промотор на хуманоста. Факт е дека живееме во модерно време кога младината има, за жал, многу негативни навики, но постои и друга страна која го избрала позитивното делување – тоа се нашите волонтери. Ги повикуваме сите оние кои имаат желба за ваква хумана работа да се вклучат во вредниот тим на волонтери во нашата општествена организација. Истовремено и ќе се дружат и ќе помагаат. Волонтирањето во Црвен крст е одличен начин сите млади да се вратат на вистинскиот пат, но и да се активираат во дружба и комуникација во реалниот свет, далеку од виртуелноста на социјалните мрежи.

 

Strugaonline: Седумнаесетти март е светски ден на крводарителството, што Ви покажува праксата, колку се свесни граѓаните за потребата од дарување крв и колку истото го практикуваат?

Наташа:  По повод 17 март, светскиот ден на крводарителството свечено им доделивме благодарници на сите крводарители, граѓаните навистина покажуваат свесност за важноста на дарување крв – течноста која значи живот. Последниве години забележуваме тренд на зголемување на крводарители, на секој од нив поединечно го честитам 17 март. Крводарител може да биде секоја здрава личност на возраст од 18 до 65 година, други услови не постојат, најголем услов е желбата. Црвениот крст од Струга е организација отворена за соработка и со поединци и со институции кои сакаат да ги практикуваат и негуваат хуманите вредности.

Извор: StrugaOnline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари