Македонија ја порази силната селекција на Швајцарија

- Спорт
643

Македонската кадетска репрезентација продолжува со одличните игри на ЕХФ-шампионатот во Грузија. Во четвртото коло нашите момчиња ја совладаа силната селекција на Швајцарија и го обезбедија првото место во групната фаза.

Македонија одигра фантастично прво полувреме. Имавме константно водство, минимум на технички грешки, бевме одлични во одбраната и имавме солидна реализација. Во 8. минута имавме предност од 3 гола, 4:1, во 21. минута 4 гола, 10:6, а максималните +6 ги стекнавме во 25. минута, при резултат 13:7. Но, како и вчера, во последните минути ни попушти концентрацијата и му дозволивме на противникот да ја преполови предноста, па на одмор заминавме со позитива од само три гола, 15:12.

Кризата не фати во почеток на вториот дел. Швајцарија постигна два гола и намали на минимални 15:14. Македонија за кратко успеа да се консолидира и да се врати на +5, но веќе се почувствува дека Македонија и нејзината игра не се на нивото од првото полувреме. Во 42. минута противникот повторно ни ја намали предноста на само еден гол, 21:20, па Брестовац мораше да побара тајмаут за да ги олади своите ракометари. За жал, не помогна ниту интервенцијата на тренерот. Македонија влезе во цела серија на грешки, а противникот тоа го искористи, па во 44. минута за првпат прејде во водство, најпрво минимално, 21:22, а потоа стекна и позитива од два гола, 21:23. Имаше Швајцарија и напад за предност од три гола, но тоа го спречи пречката на нашиот гол.

Водството на Швајцарија како да ги освести нашите ракометари, кои конечно заиграа приближно како во првото полувреме. Резултатите дојдоа доста брзо. Во 51. минута го вративме водството, а во 55. минута поведовме и со два гола предност.  Кога Ѓоргиев постигна гол во последната минута за 32:30, стана јасно дека бодовите се наши, а се што стигна да направи Швајцарија е да го намали резултатот за конечни 32:31.

За најдобар играч во нашата селекција е избран Кристијан Симоноски.

Оваа победа е голем успех за нашата кадетска репрезентација и за нејзиниот стручен тим, бидејќи на коло до крајот го освоивме првото место во групата “А“. Утре во Грузија е слободен ден, а заутре ја играме последната средба од групната фаза. Наш последен противник е селекцијата на Естонија, една од двете најслаби селекции во нашата група.

.

Македонија – Швајцарија  32:31 (15:12)

Македонија: Кизиќ, Василевски, Симоноски 5, Серафимов 10, Каковски 5, Ѓоргиев 4, Џигеровски 3, Костески 3, Кондев 2, Анѓелковски, Божиновски, Карапалески, Ќосевски, Митиќ, Тодески и Витанов.    Седмерци: 4/5.   Исклучувања: 4 минути.

Извор и фото: РК Металург

.

Facebook Коментари