Глигорие Ќатоски: Оптимист сум дека проблемот со депонијата во Струга ќе се реши

- Интервју, Локални
2185

После празничниот викенд, кога беше запалена депонијата во Струга, и градот и околните села беа обвиени со облаци од чад беше формирана граѓанската иницијатива „Доста“. Целта на оваа иницијатива беше да испрати јасна порака до надлежните дека е потребно трајно решение за овој проблем. Граѓаните своето право на чиста животна средина и чист воздух го побараа преку два протести, но поднесоа и соодветни поднесоци со конкретни барања и предлози за решавање на проблемот. По тој повод вонредна седница одржа и Советот на Општина Струга. За заклучоците од седницата и барањата поднесени од иницијативата разговаравме со Глигорие Ќатоски – претставник на граѓанската иницијатива „Доста“.

Strugaonline: Кои се конретните предлози и барања кои како претставник на граѓанската иницијатива ги доставивте до надлежните институции за решавање на проблемот со депонијата во Струга?

Глигорие Ќатоски: Изложивме наши конкретни чекори и предлози пред Советот на општината. Нашите барања ги поделивме во три категории. Првата категорија опфаќа превентивни мерки против евентуално идно спалување на депонијата. Ваквите превентивни мерки би стапиле во сила веднаш и би траеле се до релоцирање на депонијата. Во текот на седницата дознавме дека само еден вработен ја чува депонијата, а за информација на граѓаните ќе кажам дека депонијата е долга околу 700 метри, широка околу 250 метри и висока околу 13 метри  што значи дека станува збор за голема површина. Следствено на тоа, нашата прва препорака беше до Јавното Комунално претпријатие  да се зголеми бројот на вработени од еден на шест лица. Тие шест лица депонијата би ја обезбедувале 24 часа во три смени. Потоа, предложивме воведување на видео надзор, посебно во критичните делови од каде некој би можел да влезе и да ја запали. Целта на оваа мерка е и чување на депонијата, но и идентификување на лицата кои ја палат депонијата и нивно изведување пред лицето на правдата.Третата превентивна мерка подразбира воведување на редовни патроли од страна на пожарната и полицијата во Струга, со цел навремено утврдување на жаришта. Вториот сет мерки се однесуваат на релокација на депонијата. Конкретно, од Општинската администрација ни беше предочено дека во предвид е земена локацијата во село Мали Влај, за таа цел Општината купила и парцела.Но, според информациите кои ги добивме станува збор за парцела која во површина е помала од сегашната. Истата, има капацитет за складирање смет за само една година. Дополнително, треба да се чека согласност и од надлежните министерства, одржување на јавна расправа….Ќе напоменам дека депонијата на една ваква локација би предизвикала негативни последици врз здравјето на луѓето кои живеат таму. Особено  за жителите на Радожда и Радолишта. Жителите на с. Радожда пијат вода која доаѓа од подземните води кои доаѓаат од с. Мали Влај така што, сметам дека ова не е трајно и паметно решение. Но, имаше и предлог кој е доста пологичен, а тоа е сметот да се фрла во депонијата во Буково. Паралено со овој процес предложивме и да се започне постапка за релокација на постојната депонија. За таа цел предложивме да се оформи комисија која би имала мандат за да преговара со општина Охрид за заедничко користење на депонијата во Буково и со релевантните централни власти за да се добијат потребните согласности за на среден рок градскиот смет да се депонира во депонијата во Буково.

Strugaonline: Со оглед на тоа дека Вие лично присуствувавте на вондредната седница на Советот, кој е Вашиот впечаток за расположението и можностите за решавање на овој проблем?

Глигорие Ќатоски: Да бидам искрен, целата расправа ми дава за право да бидам оптимист дека ќе се изнајде решение за овој проблем. Советниците беа заинтересирани да се реши проблемот, општинската администрација исто така. На истата вонредна седница се состави комисијата која претходно ја споменав. Комисијата брои пет членови од кои двајца се од  Советот на општината, двајца се од општинската администрација, а еден член е претставник на граѓанската иницијатива. Во текот на оваа недела треба да закажеме средба со градоначалникот на Општина Охрид каде би разговарале за заедничко користење на депонијата во Буково. Како граѓанска иницијатива, дадовме рок до 5 мај, до тогаш очекуваме конкретни резултати и решенија. Во спротивно, ќе го радикализираме нашиот револт преку протест и блокирање на патот кој води до депонијата. Како претставник на граѓанската иницијатива апелирав и до Советот и до Општинската администрација веднаш да се изнајде решение бидејќи следното вакво спалување би имало катастрофални последици по животната средина и по здравјето на луѓето.Во Струга се детектирани над 70 депонии од најразличен размер и со најразличен смет што не смее да се случува.

Strugaonline: Со оглед на тоа дека здравјето на граѓаните е еден од најважните сегменти кога станува збор за проблемот со депонијата, дали на седницата која е од јавен карактер имаше претставници од здравствените институции? Дали беше укажано на последиците по здравјето на луѓето од стручен аспект?

Глигорие Ќатоски: Во предлогот за одржување на вонредна седница беше предложено  да се повикаат и претставници на МВР и претставници на Здравствен дом – Струга. Не знам од кои причини соодветни медицински лица не беа присутни на седницата. Претставници имаше од пожарната и од МВР. Во наредна прилика, би било добро да слушнеме стручно медицинско мислење.

Инаку, за крај на овој разговор сакам да кажам дека се надевам дека сите компетентни лица и институции ќе ја насочат својата енергија кон решавање на проблемот, иако мора да напоменам дека тоа би било решение на среден рок. Се додека не се формираат регионални депонии кои се предвидени за периодот во 2023 -2025 та година.

Ирена Мрческа

Извор: StrugaOnline

Facebook Коментари