Горан Папаз: Албумот „Елегија“ е некомерцијален проект изработен со многу емоции

Во денешното издание на емисијата Play cafe што се емитува на Play radio гостуваше Горан Папаз, музичар кој преку звуците на  најсензуалниот и најемотивниот инструмент – саксофонот, ја создава и ја живее уметноста. Со Горан искрено и одблиску зборувавме за суптилната и некомерцијална страна на музиката, за новиот албум „Елегија“ и за новите светови кои му ги создаде улогата на татко.

Play radio:  Да позборуваме за суштината на проектот „Елегија“, сте избрале прекрасен наслов.

Горан Папаз: Албумот практично е веќе завршен и пратен е во Хрватска бидејќи ќе биде издаден под закрила на продукцијата „Менарт“, тие се ексклузивни застапници за електронска дистрибуција низ целиот свет. Станува збор за музичка продукција која работи во склоп на  Sony music, така што мојата музика ќе се најде и на нивниот каталог. Немам големи очекувања за да немам големи разочарувања, меѓутоа се надевам дека ќе биде добро прифатен од страна на публиката. Името на албумот „Елегија“ го избра мојот продуцент Давор Палиќ , сакавме да направиме албум инспириран од песната „Спомени“ која што е направена пред  повеќе од една година, „Спомени“ има посебна емоција и посебна мелодија. „Елегија“ е тежок збор, буди многу чувства и емоции и треба паметно да се употребува за да не ја изгуби суштината. Мислам дека инспирацијата на Давор за овој наслов произлегува од една композиција на албумот во која употребуваме текст на Кочо Рацин, песната се вика „Нели бевме“ и ќе ни биде втор сингл што ќе го пуштиме наскоро. Тоа е единствената песна која Кочо Рацин ја напишал за девојка односно за негова неостварена, неуспешна љубов, а знаеме дека Кочо Рацин е автор на „Елегија за тебе“, па претпоставувам дека така дојде изборот на насловот.

Play radio: Кога се враќаме на Вашите музички почетоци само од себе се наметнува прашањето како падна изборот  токму на саксофонот ? Вие имате интересна случка со познатиот виолинист Зоран Џорлев кој случајно го открил Вашиот талент.

Горан Папаз: Зоран Џорлев беше во мојот дом сосема случајно, во летниот период тогаш издававме соби за туристи па тој ни беше гостин таа сезона. Џорлев престојуваше со неговиот колега Оливер (поранешен генерален директор на МОБ) и секоја вечер седеа на тераса, а јас бев дете и сакав да им праваш друштво, па сум тропал со прстите на маса за да им држам ритам и сум пеел. Зоран Џорлев тогаш забележал дека сум музикален и на моите родители им оставил аманет да ме запишат во музичко училиште. Моите родители го прифатија тој совет и на осум години веќе ме запишаа во нижо музичко училиште во Охрид. Мојата најголема љубов од мали нозе беа ударните инструменти но во Охрид немаше класа за ударни инструменти и добив сугестија да свирам кларинет. Со кларинетот веднаш имав напредок, натпревари, државни првенства, но поради сплет на околности кога требаше да се запишам во средно образование „извисив“ односно немало место за кларинет. Имаше едно слободно место каде еден од кларинетистите требаше да свири саксофон. Мојот професор Зоран Крагуевски кој што беше во комисјата кога полагав кларинет се борел да ме примат во класата на кларинет бидејќи сум го заслужил тоа, и на крај ме зеде кај него да свирам саксофон. Во мојот живот се оди така, не одат работите како што сум планирал, но се покажа дека се’ оди така за подобро и поубаво.

Play radio: Во своето музичко творештво сте доста суптилен и не сте музичар кој цели да го има по секоја цена, вие сте музичар за избраници, вистински познавачи на квалитетна музика,или чекате да бидете избран?

Горан Папаз: Има вистина во тоа, не сакам да бидам по секоја цена секаде и создавам музика која исклучиво јас сакам да ја направам. Проектот „Елегија“ е сосема некомерцијален, а ме радува тоа што наоѓа простор и во комерцијалните медиуми. Во животот треба да го создаваме тоа што ние го сакаме, а кога правиме нешто што не го сакаме за нешто или некого да привлечеме тогаш тоа не е вистинско. Сакам да правам музика која на некој начин е класична, а комерцијална. Сега за сега коментарите се позитивни и публиката ја препознава мојата цел, како ќе биде во иднина, ќе видиме.

Play radio: Имате ли амбиција за некое конкретно големо достигнување во иднина?

Горан Папаз: Човекот како карактер нема граница, кога бев мал многу сакав луѓето да ме знаат како добар музичар, а тоа на некој начин го постигнав. Инаку, нормално дека имам соништа и мечти во професионална смисла, на пример, сакам мојата музика да се слуша во целиот свет. Не сонувам на мали стази, сонувам на големо и работам континуирано но не сум заслепен од својот сон. Убаво би било, но не мора да се оствари по секоја цена. Некои луѓе имаат среќа животот да им се промени за два дена, а некои одат по потежок пат. Не можам да кажам дека мојот пат е многу тежок, но не е ни многу лесен, никој не ми отвори врати за да направам нешто, јас работам на тоа со љубов и посветеност. Најважно е што сум задоволен со тоа што сум го постигнал до сега.

Play radio: Како бевте избран во тимот музичари кои ја имаа честа да настапат за време на посетата на Папата Франциск во Скопје и какво беше искуството?

Горан Папаз: Искрено, бев многу изненаден кога ја добив поканата. Истата ја добив од свештеникот Дон Давор од Католичка црква, а зошто бев меѓу избраните музичари не знам, само знам дека не било случајно и дека за изборот на музичкиот тим имало состаноци . Тоа искуство никогаш нема да го заборавам, самото чувство дека свириш пред Папата, а знаеме што тој значи за католичката заедница, беше посебно. Тој настан имаше голема тежина.

Play radio: Какви нови светови за Вас создаде улогата на татко?

Горан Папаз: Toa e друга димензија, кога човек ќе добие дете се губи егоцентричноста во него. Се што правам, правам за него. Дури и музиката која ја создавам, размислувам како мојот Дамјан ќе ја прифати кога ќе порасне и дали ќе му се допаѓа. Таков момент и таков благослов му посакувам на секого, тогаш се добива нова енергија и нова сила од едно малечко суштество, тоа не се опишува со зборови.

Извор: Play radio

фото:  Play radio, Горан Папаз Facebook

Strugaonline

 

 

 

Facebook Коментари