Група „Зарина“ – млад музички состав кој ја негува староградската музика во Струга

Во денешното издание на емисијата  Play café која се емитува на програмата на Play radio,  одблиску се запознавме со групата  „Зарина“.  Станува збор за млад музички состав чии членови изведуваат староградска, народна и забавна музика. Групата е формирана во декември 2016 и зад себе има многу настапи во Струга и околните градови.

Во групата членуваат: Стефан Богатиноски-ударни инструменти, Бојан Крстиновски-гитара,  Стефан Нестороски-хармоника,  Тони Арслан-виолина и Александар Лозаноски-кларинет и саксофон.

За нивните досегашни настапи, идни планови и начинот на кој се прифатени од публиката зборувавме со двајца членови од група „Зарина“ – Стефан Богатиновски и Стефан Нестороски.

Play radio: Најпрво да позборуваме за самите почетоци , како дојдовте до идеја за формирање на овој музички состав и дали ви се остварени очекувањата од 2016-та до сега?

Стефан Нестороски: На самиот крај на 2016-та година ја формиравме староградската група „Зарина“ со цел да се зачува и да се негува традицијата како и да се продолжи тој тек на квалитетно исполнување на староградската музика. Што се однесува до очекувањата, мислам дека сме повеќе од задоволни со оглед на тоа дека успеавме да настапуваме во поголем број на локали во овој регион. Моментално свириме во елитниот хотел „Изгрев“.

Play radio: Како сте прифатени од страна на публиката, бидејќи токму публиката е најдобриот критичар преку своите реакции и коментари. Колку стружани се вистински почитувачи на староградската музика?

Стефан Богатиноски: Имаме многу позитивни коментари од страна на публиката. Најчесто свириме староградска музика која е карактеристична за овој дел од Македонија. Станува збор за стари песни со голема традиција од најмалку сто години. Во песните кои ги изведуваме се раскажуваат вистински случки на уметнички начин. Публиката е воодушевена од нашите настапи, посебно затоа што сме млади, а знаеме толку стари песни.

Стефан Нестороски: Според праксата до сега, сметаме дека староградската музика уште повеќе ќе се популаризира во периодов кој следи. Младите одлично го прифаќаат нашиот репертоар. Изведуваме и стари струшки песни затоа што Струга е град со една навистина богата традиција.

Play radio: Каде се’ имате настапувано, и колку во Македонија може да се живее од музика?

Стефан Нестороски: Во доста голем број на локали имаме настапувано, а во однос на тоа дали може да се живее од музика, морам да кажам дека е навистина тешко. Тоа е голема борба, затоа се обидуваме и се трудиме групата „Зарина“ да стане бренд не само во овој регион туку и на меѓународно ниво. Планираме концерти и снимање на албум, се со цел за подобро функционирање на овој состав.

Play radio: На кој начин планирате да го проширите вашето дејствување на музичкиот пазар на меѓународно ниво?

Стефан Богатиноски: Моментално договараме турнеја во Турција за во јуни месец оваа година, но се’ уште не е ништо официјално. Се надеваме дека ќе бидеме прифатени од турската публика. Во Турција ќе настапуваме прв пат и тоа во Истанбул, Анталија и Анкара.

Play radio: Со оглед на тоа дека сте професионални музичари каде себе се гледате во иднина?

Стефан Нестороски: Освен како успешен член на оваа успешна група јас се гледам себе и во педагошката дејност. Тоа во основа е мојата првостепена работа. Професор сум по хармоника во средното музичко училиште во Струга. Тоа е навистина многу благородна работа. Освен музичкото знаење, нашата цел е на учениците да им пренесеме и животни вештини, не случајно се вели дека училиштето е втор дом.

Strugaonline

Facebook Коментари