Ковачевски: Пуштен во употреба затворениот базен во Струга, инвестициите во спортот се инвестиции во здрави и напредни генерации

- Локални, Спорт
407
Претседателот на Владата на Република  Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на официјалното отворање на затворениот пливачки базен во Струга, кој по 20 години беше целосно реконструиран. Базенот беше реконструиран со буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,6 милиони евра.
-По цели 20 години, го враќаме повторно она што им припаѓа на Струга и на стружани – затворениот пливачки базен-спомен на многу генерации, кој денеска и официјално се пушта во употреба. Со буџетски средства во износ од близу 99 милиони денари или 1,6 милиони евра, од корен, целосно го реконструиравме затворениот пливачки базен во Струга, кој беше оставен на забот на времето. Сите имавме можност да ја видиме видео презентацијата, да видиме како изгледаше овој објект до пред само извесно време, а како изгледа денес, еден преубав, еден од поубавите базени во државата.“-изјави Ковачески.

Тој додаде дека овој базен сега има модерен изглед и повторно ќе биде гордост на Струга и гордост на сите спортисти и љубители на пливањето.

Затворениот пливачки базен е целосно реконструиран како дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт – „Изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија“.
-Комплетно е реконструирано базенското корито, машинскиот дел, електричната инсталација на делот од соблекувалните, фасадниот дел и покривот, а дограден е и мал помошен базен. Како и во сите други сфери, вложуваме и во спортските објекти, меѓу нив и базените.-истакна премиерот.
Тој информираше дека  во следниот период нови шест општини ќе добијат затворени пливачки базени.
Во тек е изградбата на базените во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кичево, Битола, Карпош и Штип,  чијашто изградба треба да заврши во текот на 2024 година. Во наредните две години базени ќе добијат и Струмица и Кавадарци, додека новиот базен во Тетово е завршен и предаден на Општината.

Вредноста на базените поединечно изнесува околу 48 милиони денари или над 780 илјади евра.

Покрај овие базени, Агенцијата за млади и спорт го гради и затворениот пливачки базен во Охрид, со вредност од 300 милиони денари или над 4,8 милиони евра. Со тоа, вкупната вредност за изградба на затворените базени во целата држава изнесува близу 12 милиони евра.

Извор и фото: Strugaonline

Facebook Коментари