Никола Кутаноски: Во Струга има многу талентирани деца за триатлон- дисциплините

Во емисијата „Play cafe“ на Play radio гостуваше Никола Кутаноски, третенр во струшкиот триатлон клуб. Со Кутаноски зборувавме за постигнатите успеси на различни турнири на кои членовите учествуваа изминатиов период, како и за идните планови и уписите на нови членови кои следуваат наскоро.

Play radio: Од кога постои и колку членови по категории има триатлон-клубот во Струга?

Никола Кутаноски: Триатлон клубот постои веќе една година, пред тоа сите бевме во нашиот поранешен клуб  „Титани“ каде што сум и основач, а со новиот клуб активно настапуваме на сите трки и имаме навистина одлични резултати. Во Струга имаме многу талентирани деца за трите дисциплини, до сега во овој клуб имаме четриесет и осум членови, а активни на сите натпревари сме дваесет и четворица. Некои од членовите се многу мали дечиња, од пет години на горе. Тоа е всушност многу добро затоа што порано почнат децата, толку подобро и побрзо ќе разберат како сето тоа фунционира, без разлика дали зборуваме за пливање, велосипедизам или трчање.

Play radio: Изминатиов период учествувавте на десет натпревари, какви се постигнатите резултати?

Никола Кутаноски: Сезоната ја започнавме многу рано, почнавме на дуатлон натпревар во Хрватска. Таму учествувавме тројца и сите тројца освоивме прво место. Јас бев прв во сениорска конкуренција, нашиот најдобар член Димитар Јованоски заврши прв во јуниорска конкуренција, заедно со мене во финиш и Ања Еклер, која е по потекло од Прилеп но тренира со нас во Струга, таа освои прво место во категорија јуниорки. Потоа се натпревароувавме во дуатлон во Скопје каде исто бевме први во речиси сите категории. Имавме и втори и трети места, но во најважните категории бевме први

Play radio: Имате навистина одлични резултати, дали овие пласмани се доволни за да можеме да заклучиме дека сте најдобри во овој регион?

Никола Кутаноски: Може да се каже дека сме најдобри во Македонија, но ние бевме уште подобри и во бројност и во се до пред три години, но се случија некои непријатни работи во поранешниот  клуб. Исто така има еден одличен клуб од Скопје кој што многу работи со деца, со Скопје не можеме да се споредуваме, има многу жители и многу деца. Ние одевме со цел полн автобус по натпревари и сите прашуваа како е можно да има толку деца во Струга, што е мал град, кои тренираат во овие дисциплини. Сега е најброен клубот „Трио џи“ од Скопје, но мислам дека оваа година ќе ги стигнеме во бројност.

Play radio: Кои се следните планови и активности на клубот за периодов кој што следува?

Никола Кутаноски: Предност имаме со тоа што сите членови од претходниот клуб дојдоа во мојот нов клуб кој што го оформив, и многу сум благодарен на сопственикот од Америка, Кени Крел, јас претходно работев кај него во Америка и се натпреварував за неговиот клуб. Ние всушност само си продолживме да нижиме успеси во новиот клуб. Следно ќе настапиме на Европски куп во Загреб , потоа ќе се натпреваруваме во Белград, а за финишот на сезоната се подготвуваме многу, на покана на нивната федерација одиме во Америка, требаше да настапиме на три гран-при трки, но едната ја пропуштивме бидејќи ни се поклопи со Балканско првенство во Турција , па сега ќе одиме во септември во Америка на две гранд-при трки.

Play radio: За сите оние кои што сакаат да станат членови на Вашиот клуб, која е најадекватна возраст за да се почне со овие дисциплини и кога може да Ви се обратат за упис?

Никола Кутаноски: Имавме уписи во текот на цела година, се зависи од возраста. Најдобор е да се почне од пет години, најпрво ги учиме да возат велосипед, потоа пливање, според мене пливањето е најважно бидејќи живееме покрај вода, се’ останато оди чекор по чекор. Со нови членови почнуваме од септември, тогаш имаме дуатлон (возење и трчање) бидејќи нема пливање во текот на цела година. Само тоа е проблем, инаку за дуатлон имаме веднаш друга бројка на деца.

Play radio: Што е поважно во овие дисциплини, талентот или напорната работа? Какви се Вашите искуства како тренер?

Никола Кутаноски: Имаме многу талентирани деца кои со тренинзи успеваат да се доградат и да бидат прваци во Македонија. Морам да го споменам Цветко Митрески, тој почна многу мал, беше многу темпераментен и со многу енергија. Прво почна со пливање па потоа и во другите категории и стана државен првак во Македонија и репрезентативец и имаше големи успеси. Сега го имаме Димитар Јованоски кој што е првак во Македонија и тоа апсолутен првак. Димитар многу добро знае како да ја насочи енергијата и да ја искористи квалитетно. Инаку, не мислам дека е битен само талентот, со напорна работа се може да се постигне.

Извор  и фото : Play radio

Strugaonline

 

 

 

 

Facebook Коментари