Бочварски: Целосно ќе го реконструираме патниот правец од Струга до граничниот премин Ќафасан

- Локални, Македонија
331

„Инвестициите во инфраструктурата ги реализираме преку изградба и рехабилитација на преку 250 километри автопатна мрежа, изградба на 300 километри експресни патишта, преку 1.000 километри рехабилитација на регионални патишта и рехабилитација на околу 450 километри локални патишта. Во соработка со други министерства преку разни програми планираме изградба на нови 500 километри водоводни и канализациони линии. Фокус и понатаму останува изградбата на пругата на Коридор 8, утврдена ни е динамиката на изградба на преку 700 социјални станови”, истакна министерот Благој Бочварски на денешната прес-конференција на која ги презентираше целите и задачите содржани во мандатното писмо.

„Довербата што ми ја даде премиерот Зоран Заев носи голема одговорност и отчетност пред граѓаните. Мандатот за Влада 2020-2024 година е обврзувачки за сите нас и она што е преточено во Владината програма да го реализираме“, истакна министерот Бочварски.

Тој потенцираше дека се залага за искористување на сите технички и човечки капацитети да се изгради квалитетна инфраструктура и да се обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции како услов за заздравување на домашната економијата и тоа преку градежниот сектор.

„Од нас се очекува во соработка со сите надлежните институции да продолжиме во спроведувањето на десетгодишната Стратегија за развој на патната инфраструктура, модернизација и безбедност, преку инвестиции од дополнителни две милијарди евра. Притоа, продолжуваме поинтензивно со изградба на автопатот Кичево-Охрид, целосно ќе го реконструираме патниот правец од Струга до граничниот премин Ќафасан, а ќе започнеме со постапка за проширување на автопатот Тетово-Гостивар.

Истовремено вршиме проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево како и со изградба на автопатот Скопје-Блаце. Понатаму, продолжуваме да ги градиме експресните патишта и тоа втората фаза од Штип-Радовиш, втората делница од Штип-Кочани, Ранковце-Крива Паланка и Градско-Прилеп. Започнуваме со изработка на проектна задача за автопат Прилеп-Битола. Во овој мандат ќе работиме на започнуваме со изградба и на нови два експресни патишта Смоквица-Струмица-Ново Село и Битола-граничен премин Меџитлија со обиколница Битола”, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој најави рехабилитација на преку 1.000 километри магистрална и регионална патна мрежа и инвестиции од 70 милиони евра во санација на локални патишта и улици.

„Во мандатот се обврзуваме да работиме на подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура и да ја доизградиме пругата од Куманово до Бељаковце, да започнеме со втората и третата фаза од железничкото поврзување со Република Бугарија и да ја пуштиме во сообраќај новата пруга од Битола до Кременица. По завршување на КОВИД-19 кризата се обврзуваме со активности за воведување нови дестинации и зголемување на бројот на летови од домашните аеродроми“, се обрати министерот Бочварски.

Министерот потенцираше дека денеска е потпишан и Правилникот за урбанистичко планирање како продолжена алатка на новиот Закон за урбанистичко планирање, со кои ќе се овозможи вистински развој на урбаните средини преку рационално и хумано планирање на просторот, каде нема повеќе да се дозволува узурпација на просторот.

Задачите и целите содржани во мандатното писмо преку кои ќе се реализираат капиталните проекти, министерот најави дека ќе ги остварува професионално преку унапредување на политиките на транспарентност и отчетност.

Strugaonline

Facebook Коментари