Пет икони од црквата „Св. Атанасиј“ во Струга, три од „Св. Никола“ во Радожда и три од струшката црква „Св. Богородица“ се меѓу 20-те украдени икони вратени од Албанија во Македонија

- Локални, Македонија
2177

Дваесет македонски икони, нелегално изнесени во Албанија, се вратени дома.

Вечерта на 15 декември 2023 година, иконите во посебен дипломатски конвој пристигнаа во Музејот на Северна Македонија.

Пет икони од црквата „Св. Атанасиј“ во Струга, три од „Св. Никола“ во Радожда и три од струшката црква „Св. Богородица“ се меѓу 20-те украдени икони вратени од Албанија во Македонија.

На презентацијата на оваа исклучително сложна и повеќегодишна постапка, на која присуствуваа високи владини претставници како и високи црковни великодостојници, министерката Костадиновска-Стојчевска рече:„ Заврши децениското патешествие на дваесет македонски икони. Ги вративме дома.“

Министерката за култура посочи дека долго ќе го памети овој ден, ден во кој имаше чест да бидe дел од луѓето кои го вратија дома она што ни беше украдено, а кое, како што вели таа ,,е наше заштитено бесценето културно добро, кое постојано треба да нѐ потсетува дека мора да сме будни кога го чуваме доброто од лошото“.
-Охрабрена од овој исклучителен гест на пријателска Република Албанија, верувам дека успешно ќе се одвива и просецот на враќање на уште 37 идентификувани икони украдени од македонските цркви и манастири во периодот 2008 – 2013 година. Тоа беа години во кои многу често слушавме за обивање и ограбување на наши светилишта во југозападниот дел од државава, од Ресен до Радожда, рече министерката за култура.
Министерката Костадиновска-Стојчевска пред присутните уште еднаш изрази голема благодарност до Владата на Република Албанија, и премиерот Еди Рама, како и на сите вклучени од двете држави.
Министерката за култура, посебна благодарност изрази кон нашата Работната група, составена од претставниците од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, МАНУ, Националниот конзерваторски центар, Завод и Музеј Битола и Завод и Музеј Охрид, за нивната посветеност, професионалност и стручност за враќањето на ова наше културно наследство.
Премиерот Димитар Ковачевски, изразувајќи го задоволството од историскиот чин рече дека е резултат на политиката на Владата која создаде модел за мултиетничка демократија и дипломатија со која воспоставивме одлични добрососедски односи.
„Со дијалог, компромис, взаемно почитување и најтешките предизвици може да се надминат и да отворат нови можности за соработка. Сведочиме за една таква соработка со нашиот сосед Албанија, иконите украдени во 2013 та година, успеавме да ги вратиме дома“, изјави премиерот Ковачевски.
Strugaonline

Facebook Коментари