Свечената ѓурѓовденска литија во Струга добива уште поголемо значење – ова се новитетите

- Локални
2642

Свечено и достоинствено на 7-ми мај во Струга ќе се одржи годинешната Свечена ѓурѓовденска литија. Дочекувањето на светите мошти на Св. Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона претставува настан од непроценливо значање на кој ќе присуствуваат илјадници граѓани од нашиот град но и од цела Македонија.

Традиционално дочекувањето ќе се одржи достојно со  оркестар, празнични знаменца и кошници преполни цвеќе. Чинот на дочекување на моштите на овој Светец  носат голем благослов за жителите на Струга и сите посетители кои ќе земат учество во литијата.

Од Бигорскиот манастир информираат дека она што претставува новина за годинешнава Струшка Литија (Еордија) е присуството на Пречистанската (Крнинска) икона на Мајката Божја што доаѓа од импозантниот манастир „Богородица Пречиста“- Кичево, а која ќе биде богато украсена и носена од верните граѓани од овој град. Бидејќи Струшката Литија (Еордија) прераснува во семакедонски настан, оваа година, во знак на единството и соборноста, моштите на Св. Великомаченик Георгиј Победоносец ќе бидат носени, не како досега од четворица видни граѓани на Струга, туку и од жители од другите градови од земјата. Овој пат се избрани: еден жител на градот Битола, еден Охриѓанец и секако, двајца Стружани.

Меѓу другото, оваа година новина е и учеството на членовите на „Ансамбл Македонија“ на Струшката Литија, чијашто изведба ќе биде вистинско изненадување за сите присутни.

Ѓурѓовденската литија е призната како дел од културното наследство на Република Македонија и ќе собере илјадници граѓани од сите краишта на земјата и пошироко.

Strugaonline

фото: архива

Facebook Коментари