MTСП постапува во случајот каде татко вршел семејно насилство врз децата и нивната мајка

- Хроника
752

Министерството за труд и социјална политика е запознаено и постапува по случајот во кој двегодишно дете со телесни повреди на 9 август е примено на детска хирургија.

-Веднаш по пријавувањето на случајот дека таткото, односно сопругот, извршил семејно насилство врз децата и нивната мајка односно сопруга, специјализираниот стручен тим од Центарот за социјални работи на Град Скопје излезе на терен. На таткото му е одредена мерка притвор во траење од 8 дена,а  здравствената состојба на двегодишното дете е добра и денеска ќе биде пуштено дома. Останатите 3 деца кои вчера беа интервентно сместени во згрижувачко семејство ќе се вратат кај мајката и сите заедно ќе бидат згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Воедно, Центарот ќе иницира постапка за изрекување мерки за времена заштита од семејно насилство.- информираат од МТСП

Од министерството информираат дека семејството е познато на Центарот и по претходни пријави за семејно насилство. Од средината на март до почетокот на април годинава, мајката и четирите деца биле згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Центарот го напуштиле по писмена изјава на мајката дека сака да се врати во домот на сопругот со своите деца, бидејќи ги надминале недоразбирањата и состојбата во домот е смирена.

За овој случај, секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против Ф.С. (47) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил две кривични дела „телесни повреди во вршење семејно насилство“, казниво по член 130 став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Пријавениот Ф.С. на 08.08.2018 година во семејниот дом, во алкохолизирана состојба, физички ги нападнал неговиот двегодишен син и неговата сопруга Ѓ.С. и им нанел телесни повреди. Додека неговата сопруга била на работа, Ф.С. физички го нападнал двегодишното дете, по што тоа се онесвестило. Околу 18.30 часот Ѓ.С. дошла од работа и ги затекнала своите четири малолетни деца заклучени во соба.

Во моментот кога нејзиниот најстар син (9 години) ја отворил вратата, пријавениот Ф.С. физички ја нападнал Ѓ.С.. Таа успеала да избега во собата кај децата, кои и кажале дека татко им ги тепал сите, а најмногу најмалиот брат. По кратко време, Ѓ.С. со такси возило го однела двегодишниот син во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани телесни повреди и бил задржан на лекување.

Во разговор со полициските службеници Ѓ.С. изјавила дека ова не е прв случај на семејно насилство од страна на Ф.С.. Тој и порано ги малтретирал. Со помош на Центарот за социјални работи на град Скопје останатите три деца биле згрижени во шелтер центар.

Вчера во 01.05 часот пријавениот Ф.С. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Извор: МТСП/Strugaonline

Facebook Коментари