Дејан Коцарески: Уписите во КЛ-7 Струга се во тек, нудиме одлични услови за сите идни ракометари

- Локални, Спорт
1146

Во денешното издание на емисијата Play cafe што се емитува на Play radio гостуваше Дејан Коцарески, тренер на тимовите КЛ-7 Струга во склоп на Школата за ракомет „Кирил Лазаров 7“. Со Коцарески зборувавме за промените во условите за тренирање кои се случија откако Школата за ракомет „Струга“ стана Школа за ракомет „Кирил Лазаров 7“-Струга, за успесите од минатате сезона и уписите за претстојната ракометна сезона.

Play radio: Наш гостин бевте пред две години, кога Школата за ракомет „Струга“ влезе под капата на капитенот Лазаров, што се’ се промени од тогаш до денес?

Дејан Коцарески: Започнавме да работиме со деца  јас и мојот татко Ѓоко Коцарески кој го познаваат сите во ракометната фела во Струга. Тоа беше нашата цел тогаш и останува иста и понатаму, сакаме и успеваме да се занимаваме со младински ракомет во Струга. Процесот започна кога стапивме во контакт со тогаш новата Школа за ракомет „Кирил Лазаров 7“ со идеја да се отворат школи низ цела Македонија кои би генерирале нови ракометарчиња, нови дечиња кои ќе тренираат ракомет за да работиме за младинскиот ракомет , не само во Струга, туку на ниво на Македонија. Нашата примарна цел не е да направиме sвезди или репрезентативци, ние сакаме да направиме ракометари кои преку ракометот ќе се изградат како личности и да играат во нашите младински лиги, супер лиги, а потоа оние најталентираните да успеат секако и надвор од Македонија, секој со својата среќа.

Play radio: Да споменеме дека КЛ7-Струга има четири тимови, два од нив се обука-тимови, а две се селекции. Селекциите имаа одлилчни резултати изминатава сезона, да ги споменеме најзначајните достигнувања и да позборуваме за најмладите ракометарчиња во обука-тимовите.

Дејан Коцарески: Кога станува збор за малите дечиња, можат да се запишат уште од пет-годишна возраст иако тука бевме малку иновативни, прв пат почнавме да работиме со толку мали дечиња и драго ни е што тој тренд го прифатија и други локални тимови во Струга. Мислам дека направивме добра работа бидејќи тие први и основни моторичко-координативни вештини децата порано ги учеа на улица, но денеска знаеме дека „нема улица“, истата е заменета со компјутери и затоа ние решивме да ги научиме и моторика и координација, а потоа топка и ракомет. Тоа е првата група, а вотрата обука-група е оној период за ракометари на кои им требаат две до три години за да стигнат до селекција. Потоа најталентираните и оние кои имаат најголема желба и напредуваат влегуваат во селекција и се натпреваруваат во официјалните натпревари кои се под капата на Ракометната федерација на Македонија. Ланската сезона за нас беше најуспешната сезона иако работиме само три години. Бевме единствената екипа во Македонија која се пласираше на сите три фајнл-фор завршници во младинските категории, односно пионери, кадети и младинци, а на две од нив бевме и организатори, истите се играа тука во Струга. Нашиот тим кој го организираше тој фајнл-фор доби само позитивни оценки од сите учесници. Поставивме нови стандарди во младинските категории во Македонија, во категоријата пионери го освоивме второто место, во катедтска категорија станавме државни прваци и во младинска конкуренција, иако бевме најмлада екипа на тој фајнл-фор, успеавме да освоиме трето место.

Play radio: Постигнатите успеси кои ги споменавте се само уште еден доказ дека Струга е расадник на ракометни таленти. За сите оние кои сакаат да станат дел од Вашите тимови, на кој начин можат да се пријават?

Дејан Коцарески: Новата сезона со селекциите ја започнавме порано поради подготвителниот период, имаме повторно пријавено пионери, кадети и младинци селекција. Ќе им дадеме една преодна година, бидејќи имаме смена на генерации, но сепак се надеваме и атакуваме  во една од генерациите да успееме да влеземе на фајнл-фор, а за најмалечките сме цело време на располагање за уписи. Сите се добредојдени и поканети, моментално комбинираме во салите „Нико Нестор“ и „Тими“. Сите заинтересирани можат да се обратат на мојот телефонски број 078 432 286, на нашата страница КЛ7.мк и на страната на Facebook „Школа за ракомет „Кирил Лазаров 7“, таму можете да ги добиете сите информации околу уписите. Во тек е формирање и нова група за најмалите, сите дечиња ќе одат една категорија погоре. Најмалите имаат посебна програма за работа, потоа доаѓа другата група-обука. Се трудиме на сите да им ги обезбедиме најдобрите услови, имаме топка за секое дете. Тоа се специјални топки кои доаѓаат специјално од Данска за дечињата да не создадат аверзија кон топката, туку напротив, веднаш да се навикнат да примаат и додаваат топка. Имаме обезбедено секакви пропратни реквизите кои им се потребни. Чланарината изнесува шестотини денари месечно, а децата немаат никакви други дополнителни трошоци за патувања, натпревари, опрема, топки, дресови итн. Сметам дека за симболична сума од 100 евра годишно децата не добиваат само тренирање ракомет, туку и дружење и пропратни активности за социјализација, постојано организираме излети, кампов, натпревари и слично. Проектот е навистина добро организиран и се надевам дека ќе растеме од година во година. Оваа година се отвараат три нови школи, во Струга имаме осумдесет дечиња и се надеваме дека тој број ќе расте. Инаку, на ниво на Македонија бројката надмина 1000 дечиња, така што, сосема е јасно за каков проект станува збор.

Извор: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари