КУД „Илинден“ ќе го одржи 34-от годишен концерт – традиција изградена со културни вредности вреднувани од публиката

- Интервју, Локални
2340

KУД „Илинден“ на 17 јуни по 34-ти пат ќе го одржи својот годишен концерт во големата сала на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Станува збор за традиција која се негува од 1983 година и на едно место ги собира сите љубители на културата и уметноста.Сите детали за концертот ги дознаваме од Љупчо Милошески, кореограф во KУД „Илинден“ и Николче Стојанчески, раководител на Оркестарот при KУД „Илинден“.

Strugaonline: Најпрво да ја презентираме планираната програма за концертот, колку групи ќе настапат, колку членови во моментов брои вашето друштво?

Љупчо Милошески: На годишниот концерт секогаш настапуваат сите групи и членови на друштвото,така и оваа година ќе настапат сите 7 групи односно сите 240 членови кои се поделени според возраста. Тие ќе изведат повеќе кореографии од сите краеви на нашата земја придружувани од оркестарот на ансамблот, а тука ќе  учествува и пејачката група.

Strugaonline: Со оглед на тоа дека имате долга традиција, приказната на КУД „Илинден“ започнала од 1983 година, да се осврнеме на тоа како концертите поминале годиниве наназад и какви ви се очекувањата за оваа година?

Љупчо Милошески: Од самиот почеток, 6 април 1983год (денот кога е регистрирано друштвото) започнува традицијата на организирање вакви годишни концерти. Секој годишен концерт носи своја приказна и сам за себе е одлика на тоа време.  Секој концерт е некое ново искуство, воедно на концертот  секој член играорец дава се од себе,  за се да изгледа онака како што треба. Секогаш најтешко е претставувањето пред својата, домашна публика, пред луѓе што ги познаваш и тогаш во наводници кажано „ се гине на сцена!“ . Салата во Центарот за култура е преполна секоја година, публиката ужива во нашите игри и песни,  и оваа година очекувањата се исти, напорно работиме и се надеваме дека се ќе испадне онака како што треба да биде и како што ни доликува.

Strugaonline: Што беше пресудно за да се одржи толку долга традиција? Талентот, редовноста на членовите, желбата или нешто сосема друго?

Љупчо Милошески:Кога вистинските луѓе се наоѓаат на вистинско место во вистинско време – тогаш мора да има резултати,  тоа значи дека секој што бил и е наш член  придонел  да опстане ова друштво до денес. Низ „Илинден“ поминале многу членови, некои се се уште тука, некои веќе ги праќаат своите деца да продолжат таму каде што тие застанале, се смениле неколку раководители и големи пофалби за сите нив, затоа што без нив „Илинден“  немаше да биде тоа што е денес. Тие ја поставиле основата, на нас и на тие после нас останува надградувањето на таа основа за идните генерации.

Strugaonline: Каде се имате настапувано во Македонија и надвор од Македонија, какви се реакциите во странство? Да направиме компарација за почитувањето на фолклорот овде и надвор од нашите граници.

Љупчо Милошески: Струга ја имаме претставувано речиси во цела Македонија  а скоро и да нема држава низ Европа каде „КУД ИЛИНДЕН“ не стапнал во своето  34 годишно постоење. Македонскиот фолклор секогаш е баран и ценет насекаде низ светот. Секогаш е проследен со најголемо внимание. Фолклорот е најголемиот амбасадор на Македонија низ светот.

Strugaonline: Која е активноста на Оркестарот при KУД „Илинден“?  Имате вокално-инструментална секција, која е вистинска ризница за талнти од нашиот регион.

Николче Стојанчески: Оркестарот и вокално-инструменталната секција при KУД „Илинден“ моментално се подготвува за годишниот концерт кој го најавивте. Инаку, нашата дејност има за цел музички, нотно да ги описмени и едуцира членовите. Широк е дијапазонот на музички правци кои ги изучуваат нашите членови, освен негување на фолклорот, членовите на оркестарот доколку сакаат можат да учат и класична музика и соло пеење. Отворени сме за секој нивни избор, бидејќи нашата цел е да ги едуцираме во областа за која имаат најмногу афинитети. Освен концертот на 17-ти на кој настапуваме со  KУД „Илинден“, на 28.06 со почеток во 19 часот Вокално-инструментална секција ќе одржи свој концерт во Центарот за култура. Ова интервју е одлична можност да ги поканиме сите оние кои сакаат да станат наши членови, да стекнат нови искуства и да научат многу нешта за музиката.

Strugaonline: Каде можат да се набават билетите за вашиот годишен концерт и кои се идните планирани активности на  KУД „Илинден“?

Љупчо Милошески: Веднаш после годишниот концерт, на 1-ви јули заминуваме на нашата 15 дневна концертна турнеја низ Хрватска и Босна и Херцеговина, најпрво ќе одмориме 4 дена во прекрасната Макарска, а потоа продолжуваме  на познати и ценети фестивали. Би го споменал 51-вото издание на фестивалот „Ѓаковачки везови“ во Ѓаково (Хрватска). Што се однесува до влезниците за концертот, тие се веќе пуштени во предпродажба и можам да кажам дека останаа уште малку. Можат да се набават секој ден во Центарот за Култура во Струга или при самиот влез за концертот на билетарата, по цена од 100 денари.

Извор: Strugaonline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари