Во Свечена и празнична атмосфера се одржа годинешната Струшка Ѓурговденска Литија

- Локални
2453

Во празнична и свечена атмосфера денеска во Струга по деветти пат се одржа Tоржествената струшка литија (Еордија) со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона. Оваа година Литијата беше  збогатена и со благословот на Сепречистата Владичица наша Богородица, преку нејзината чудотворна икона Крнинска, од Манастирот Пречиста Кичевска, носена од четворица кичевчани.Традиционално, и овој пат, во храмот на Великомаченикот во Струга, денеска  со почеток во 16:00 ч. беше отслужена  ктиторската вечерна богослужба, а потоа следуваше молитвената Литија, која веќе прерасна во големо сенародно собитие. На Литијата учествуваа голем број граѓани од Струга и од цела Македонија. На овогодинешната Литијата и претходеше церемонијално полициско возило, кое на својствен начин го одбележа  чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста на сите граѓани во нашата држава.Помеѓу возилото и Литијата,  продефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја.Коњаникот, кој во раката  држеше палмова гранка како символ на мирот, имаше улога на посебен редар и најавувач на процесијата. На чело на самата Литија беше член од Бигорското братство, кој го биеше клепалото, потоа следуваа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. Од оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј беа носени од двајца видни струшки граѓани и уште двајца од други места, овој пат еден битолчанец и еден охриѓанец.Моштите беа  придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Зад сердарите одеше сејменската гарда, чии членови  исто така, беа  облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец. По завршетокот на свечената литија, во дворот на црквата „Св. Вмч. Георгиј“, со своја културно-уметничка програма  настапи Ансамблот „Македонија“ – како  голем чувар на македонската народна музика и фолклор.

 

Извор и фото: Strugaonline

Facebook Коментари