Здравка Крстиноска: Енкаустиката е арт-терапија која може да послужи за создавање подобро утре

- Интервју, Локални
434

Плеј радио секоја среда ги отвора вратите за сите оние кои се корисни и креативни општествени чиниели во нашиот град. Овој пат посветивме минути на уметноста која се создава најпрво во човековата личност, а потоа преку соодветно дело и се пренесува на јавноста. За таа цел разговаравме со  Здравка Крстиновска. Зборуваме за уметничкото создавањето кое произлегува од духот и нема цена.

Strugaonline:  Неодамна имавме можност да ја проследиме Вашата прва изложба насловена како „Енкаустика“ . Најпрво за сите оние кои не знаат,каква техника е  енкаустика и каков вид на слобода на изразување во сликањата дава истата?

Здравка Крстиноска: Енкаустика е прастара техника на сликање со восок и пигмент. Тоа е малку подзаборавена техника. Се работи за период од времето на Египет кога се уште не постоела темперната боја. Од тоа што е останато од периодот пред 1800 години се гледа дека се сочувани боите. Се работи за мешање на пигмент со чист восок, меѓутоа начинот и постапката од тој период се разликуваат сосема од оваа енкаустика која се работи денес, во современи услови. Оваа техника својата нова димензија ја добива во дваесеттиот век во Северна Америка со уметникот Диего Ривера и  уште попознатата Фрида Кало. Своја спектакуларна димензија, енкаустиката како правец ја добива кога пеглата станува алат за сликање. Тие современи почетоци се случуваат пред дваесет години во Холандија и Англија.

Strugaonline: Рековте, енкаустиката подразбира мешање на чист восок и пигмент, а потоа се нанесува на подлога со помош на топлина, кога и од кого ја научивте оваа техника?

Здравка Крстиноска:Посебноста на оваа техника всушност се состои во интуитивното сликање. Нешто што природно го дава нејзината форма е корелацијата со креативноста и идејата. Би сакала да нагласам дека мојот интерес за енкаустиката се јави кога почнав да ја проучувам Здена Шариќ- Пискар, уметник од Босна. Пискар за енкаустиката зборува како за арт терапија. Арт-терапија затоа што најчесто енкаустика работат личности во поодмината возраст кога арт- терапијата навистина станува потребна и може да ни послужи за подобро утре.

Strugaonline:  Освен талентот и посветеноста, за секој уметник од клучно значење се мотивите и инспирацијата за создавање. Имавме можност да видиме на изложбата дека Вие како да сте станале едно со природата. Од што се црпите инспирација?

Здравка Крстиноска: Инспирацијата секогаш е во корелација со креативноста и е еден вид идеја. Мотивите можеме да ги бараме или да ги отфрлиме, а инспирацијата е нешто обратно – таа не бара нас. За добри резултати се потребни и двете – и мотиви и инспирација.  Ако немаме мотивација тогаш идејата ќе остане само во нашата глава. Ако нешто сакаме и имаме дефинирана цел нема да ни биде тешко истата да ја оствариме. Инспирацијата е непредвидлива, таа доаѓа тогаш кога ни е потребна. Инспирација може да биде и добра книга, добра личност или добар филм. Но, инспирацијата не доаѓа затоа што ние тоа го сакаме. Мотивацијата не турка од позади, а инспирацијата е нешто што не води напред.

Strugaonline:. По професија сте дипломиран земјоделски инжињер, а сликате, исто така изработувате и накит….кога кај себе ја откривте таа уметничка нота?

Здравка Крстиноска: Мојата професионална животна приказна е агрономијата. Уметноста е мое хоби, лек за душата и забава за мозокот и рацете.

Strugaonline:  Ваша голема љубов е и изработката на накит, со кои техники работите во таа област?

Здравка Крстиноска: Јас работам со тоа што природата ни го дава во својата изворна форма, односно со восок и волна. Работам со техника на филцање.  Ја обликувам волната со механички и топлински процес. Површината на влакното од волната содржи некој вид на лушпи  кои под дејство на сапунот и водата добиваат неткаен текстил. Постојат две техники на филцање: Водено и суво филцање. Тоа е техника која навистина треба да се совлада. И ова е древна техника, почетоците се од Монголите во Средна Азија каде што се работи со волна. Ова е многу инспиративна техника која ќе продолжам да ја работам. Сето тоа е еден вид лек. Затоа, за крај би сакала да кажам една мисла од Тагоре, која е всушност мое животно мото:

„Сонував дека животот треба да биде радост, се разбудив и сфатив дека животот е напор, работев, и видов дека во напорот е радоста. “

Подготви: Ирена Мрческа

Strugaonline

Facebook Коментари