Доживотен затвор доби Ратко Младиќ

- Свет
753

Хашкиот трибунал денеска му изрече доживотна казна затвор на поранешниот воен командант на босанските срби генерал Ратко Младиќ. Седумдесет и тригодишниот Младиќ е обвинет за геноцид во Сребреница, прогон на Муслиманите и Хрватите во Босна и Херцеговина, терор врз населението на Сараево со долгогодишното гранатирање и земање припадници на УНПРОФОР за заложници.

 

Поранешниот воен лидер на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ беше отстранет од судницата во Хашкиот трибунал откако извика ова е „лага“, по што го вратија за да ја слушне пресудата.

Младиќ претходно побара пауза, која требаше да трае пет минути, но се пролонгира бидејќи му беше пружена лекарска помош поради висок притисок, при што одбраната побара да не биде читано образложението на пресудата, туку судијата веднаш да ја соопшти одлуката.

Судскиот совет на Хашкиот трибунал денеска повтори дека во јули 1995 е извршен геноцид во Сребреница, но не и во осум други општини во источна Босна, како што се тврдеше во обвинението против командантот на армијата на босанските Срби Ратко Младиќ. Судот при изрекувањето на пресудата на Младиќ заклучи дека во општините Фоча, Кључ, Котор Варош, Приједор, Сански Мост и Власеница се случиле злосторства над несрпското население, но оти нивната намера не била истребување на народот. Судскиот совет утврди дека во БиХ имало вооружен судир и дека злосторствата извршени во таа држава имале карактеристики на систематски, масовни и раширени дела. Такви заклучоци првостепениот совет донесе и во пресудата за поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој беше осуден на 40 година затвор.

Поранешниот воен командант на босанските Срби, пред почетокот на изрекувањето на пресудата пред Хашкиот трибунал изјавил дека невин и дека не можат да му ја замат душата, пренесуваат дописниците од судницата на белградските електронски медиуми.

Судењето на Младиќ почна во мај 2012 година откако тој кон крајот на мај 2011, по 16 години бегство беше уапсен во Србија и испорачан на Хаг.Обвинителите побараа Младиќ да биде прогласен за виновен и да добие доживотен затвор. Неговите адвокати, пак, бараат ослободителна пресуда. Во првото појавување пред Трибуналот Младиќ одби да се изјасни за вината, а судијата во согласност со правилата, во записникот внесе дека обвинетиот не се чувствува виновен.

Генералот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, е обвинет за најголемото воено злосторство после Втората светска војна – масакрот во Сребреница. Обвинението гласи: геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства во вкупно 11 случаи. Како главен командант на војската на босанските Срби, на Младиќ му се припишува главна вина за протерувањата, мачењата, убиствата и силувањата во БиХ.

Во најтешките делови од обвинението спаѓа преку три години долгата опсада на Сараево со илјадници жртви, злоставувања на затвореници во логори, терористичка кампања против Хрватите и муслиманите во босанските градови, заложништво на припадници на силите на ОН, УНПРОФОР, како и геноцидот во Сребреница. Српските единици во 1995. година навлегоа во тогашната заштитена зона од ОН, Сребреница и убија околу 8.000 муслимански мажи и момчиња.

Масакрот во Сребреница беше најголемото злосторство извршено во Европа од крајот на Втората светска војна. Сето тоа беше шокантно, бидејќи Сребреница беше прогласена за заштитена зона на Обединетите нации каде што бегалците од другите места на со војна зафатената Босна и Херцеговина можеа да најдат засолниште.

Процесот против Младиќ, започнат во 2012. година, е последен за Трибуналот, кој на крајот на годинава ќе ја заврши својата работа по 24 години постоење. Тековните просеци ќе бидат преземени од нова инстанца во Ден Хаг.

Извор: А1он

Strugaonline

Facebook Коментари