Ивана Коскоска: Учеството во талент-шоуто Ohrid SUPERSTAR e незаборавно искуство полно со емоции

Ивана Коскоска е 14 годишна девојка која ужива во својот музички талент. Љубовта кон музиката, напорната работа и талентот ја однесоа во финалето на првото издание на талент шоуто „Ohrid SUPERSTAR” кое се одржа во неделата во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Во студиото на „Плеј радио“ со Коскоска разговаравме за нејзините музички почетоци, за сите емоции кои ги носи учеството на ова талент шоу но и за вратите кон успехот кои ги отвара скромно и благодарение на талентот кој го носи од раѓање.

Strugaonline: Кога и од кого прв пат беше забележан твојот музички талент?

Ивана Коскоска: Љубов кон музиката покажував од најмала возраст. Мајка ми тоа го забележа и разговаравме за мое потенцијално учество на детски фестивал, но во тој период се уште не сакав јавно да настапувам. Времето си го направи своето, како растев така почнав да слушам и да се интересирам за поп музиката. На некој начин сама си го открив талентот. Музиката е моја најголема љубов и ми станува култура на живеење.

Strugaonline: Како дојде до тоа да се пријавиш на овој музички проект, сметаш ли дека ваквите талент шоуа се најдобар начин за музичка промоција?

Ивана Коскоска: Повикот за пријавување на талент шоуто Оhrid SUPERSTAR го забележав на социјалните мрежи. Уште еднаш ја проверив информацијата со оглед на тоа дека најчесто вакви натпреварувања се одржуваат во други, поголеми градови и среќна бев кога видов дека убаво прочитав и дека станува збор за Охрид. Моја одлука беше да се пријавам и да си ја пробам среќата, бидејќи сметам дека музичкиот талент кој што го имам треба да го претставам, исто така знам дека дружењето во вакви проекти е значајно. Сакав да запознаам и други талентирани музичари.

Strugaonline: Публиката имаше можност да ги гледа настапите на кандидатите на тв екраните, откако започна шоуто па се до финалето. Како беше зад сцената? Колку си задоволна од ментрорите и сето она што го научи во соработка со компетентните музичари кои беа со вас изминатиов период?

Ивана Коскоска: Драгоцено е искуството кое го стекнавме и на и зад сцената. Многу вежбање, смеа но и солзи. На почетокот Анита Мицова беше мој ментор, одлично соработувавме и среќна сум што имав можност да соработувам со неа. Потоа работев со Даниел Јовески кој беше член на жирито, не знаевме што е ден, а што ноќ, навистина посветено работевме и многу научив. Освен подготовките за настапите драгоцени се и познанствата кои ги стекнав, на тоа шоу ја запознав и Андреа, споделувавме мислења, се дружевме, многу разговаравме. Од ова талент шоу сите излеговме побогати.

Strugaonline: Учеството на Ohrid SUPERSTAR  ти носи настап на фестивалот „Езерски бисери“, а жирито исто така одлучи да ти подари песна. Каков вид на композиција сметаш дека е за тебе најпогодна, со оглед на тоа дека во финалето можев да забележам дека преку пеењето покажуваш еден силен, борбен, а истовремено емотивен карактер.

Ивана Коскоска: Многу сум благодарна на жирито за одлуката да ми подари песна. Имаа можност во текот на ова шоу многу добро да не запознаат во музичка смисла и сигурна сум дека ќе добијам песна која ќе ме опише и музички и карактерно во вистинска смисла на зборот. Исто така, настапот на фестивалот „Езерски бисери“ ми е предизвик, истиот носи можност за настап на фестивал во Белорусија.

Strugaonline: Многу си млада и музиката е твоја голема љубов, но во која насока размислуваш – дали музиката е твоја идна професија или сепак ќе остане хоби?

Ивана Коскоска: Мислам дека се уште е рано да донесам таква одлука. Музиката не ја сфаќам како начин за профитирање, повеќе сум посветена на нејзината уметничка страна, свесна сум и дека не живееме во земја во која уметниците се почитувани, но никогаш не се знае.

Извор: StrugaOnline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари