На 22-ри јули во Струга, Игор Џамбазов и Гуру Харе ја започнуваат концертната промоција на албумот ,,Првите 30“

- Локални, Музика
572

На 22-ри јули Игор Џамбазов и Игор Атанасоски-Харе во Струга ќе ја започнат концертната промоција на нивниот албум ,,Првите 30“ што пред нецела недела го промовираа во Скопје.

,,Нашиот избор концертната промоција да ја започнеме токму во Струга не е случаен. Во Струга се чувствуваме како дома, прекрасен град, луѓето се многу топли, ја почитуваат нашата музика и се’уште сме под импресии од концертот кој што го одржавме на летната сцена ,,Сиеста“ минатата година. Атмосферата беше одлична и очекуваме оваа година да го повториме истото на исто место.“.- изјави Гуру Харе за Play radio и Strugaonline.

Тој ги повика и охриѓани да бидат дел од публиката која ќе ужива во целовечерниот концерт на кој што освен овие седумнаесет што ги содржи албумот, ќе бидат изведени и други песни што се плод на музичката соработка на тандемот Харе-Џамбазов.

Новиот албум е креативна компилација од она што Џамбазов и Гуру Харе заедно  го сработија изминатите 30 години. Старите песни се во нов ремикс, некои се повторно снимени во студиото ,,Тра ла ла“ на Мите Димовски, кој е и продуцент на албумот. Има и нови песни како што се „Дебела сенка“ и „Пеј“ (за која ќе се снима и видео запис) , како и преработки на песните „Заветна“ и „Ако умрам ил загинам“.

На албумот ,,Првите 30“ се наоѓа и првата песна која овoј музички тандем ја сработи заедно, станува збор за познатата ,,Да си жив и здрав“, а тука се и “. „Диши длабоко“, ,,И племето и семето“, „Каква е оваа ситуација“, ,,Оver dose од blues“ и други.

Влезниците по цена од 400 денари до 20.07.2023 можете да набавите во Meзе бар Барабар и на овој ЛИНК

Strugaonline

Facebook Коментари