Започнува клупската програма на Desonanz

- Забава
833

Во соработка со фестивалот Таксират, вечерва започнува клупската програма на деветтото издание на музичкиот фестивал Desonanz.

Во целосно распродадената Денсинг сала во МКЦ, вечерва во рамки на Таксират ќе се одржи концертот на ДАРКО РУНДЕК, а по овој концерт официјално започнува и Desonanz програмата посветена на електронската музика, со полноќниот настап на истакнатиот ветеран на светската хаус, техно и електро сцена, Delta Funktionen од Берлин. Сетовите на Delta Funktionen се легендарни во својата техничка софистицираност и прецизност како и сировата креативна енергија која го движи подиумот низ неговите препознатливо долги сетови. За загревање на публиката и затворање на вечерта задолжени се локалните диџеи Apostolski (Drop Series) и Mitrik (Room 313).

Утре вечер (петок, 8-ми декември) на малата сцена во Македонската филхармонија, со својот несекојдневен проект Damien Dubrovnik, ќе настапат двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика, Loke Rahbek и Christian Stadsgaard – сопствениците на културниот феномен и издавачка куќа posh isolation од Копенхаген.  Публиката ќе има можност да го проследи и електроакустичниот настап на Vedis, како и ексклузивниот проект на македонските етноџез експериментатори String Forces (во комплетен состав).

По концертот во Македонската филхармонија, истата вечер следува настапот на маскираниот берлински техно/IDM продуцент Headless Horseman во МКЦ. Headless Horseman е мистична фигура на електронската сцена и највозбудливиот хардверски техно перформанс во моментов на планетата. Овој перформанс е негово деби во Скопје и дел од светската турнеа на неговиот албум и видео проект „Sanctuary“. Локална поддршка се диџеите Maggie (Code XX), Bodan Jamakoski (Audiobahn), Andreas Hz (Broccoli) и Martchin (BTKRSH).

Соработката на „ТАКСИРАТ“ и „ДЕСОНАНЦ“ оваа година резултираше со повеќе музички настани во програмата која започна со ПИН конференцијата и шоукејс фестивалот, а последниот настан нѐ очекува оваа сабота, на 9-ти декември во МКЦ со финалната вечер на годинашниот ЛУЗЕР ФЕСТ – настанот целосно посветен на промоција и поддршка на најновите „демо“-бендови од македонската музичка сцена. Годинашниот Лузер Фест пред македонската публика ќе претстави седум финалисти: BONA DEA, CONSPIRACY, DARK SKY, КАИН, MAN IN A SUIT, SYBIL и TRIGGERED, но и гостите на вечерта, скопскиот doom sludge дует SCHWARTZEN! Билетите за Лузер Фест не се достапни во претпродажба, туку ќе се продаваат само на денот на настанот, на билетарницата на МКЦ со симболична цена од 100 денари. За победникот на Лузер Фест традиционално како и досега, одлучуваат гласовите од публиката и специјалното жири, па секоја влезница воедно е и гласачко ливче за посетителите, а со прогласувањето на новиот победник и официјално ќе биде прогласено затворањето на годинашната концертна програма на Таксират.

Strugaonline

 

Facebook Коментари