Изложба на фотографии од Охрид и Струга направени од тројца холанѓани и презентација на холандска колекција со македонска музика

- Македонија
884

Во просториите на ансамблот „Танец“ ќе се одржи кратка презентација на Питер Ендендајк, колекционер на македонска музика од Холандија и ќе биде поставена изложба на фотографии направени од тројца Холанѓани во Охрид и Струга во текот на 1970-тите години.

Како што соопшти Холандската амбасада, Петер Ендендајк и Анемик ден Аул од Холандија ја купиле првата плоча со македонска музика пред 55 години. Оттогаш секоја година доаѓаат во Македонија, нарекувајќи ја свој втор дом. На нивната интернет-страница може да се видат детални податоци за преку 700 албуми со македонска музика и уште неколку илјади албуми со музика од Балканот. Во текот на последните триесетина години, голем дел од оваа колекција ја имаат и дигитализирано, заштитувајќи на тој начин еден непроценлив дел од македонското културно наследство, информираат од холандската амбасада.

Следејќи ги трагите на познатиот холандски новинар и писател А. ден Долард, тројцата Холанѓани Фред Волп, Марја и Карлус Коупман летуваат на Охридското Езеро во периодот од 1973 до 1975 година. Во текот на овој период тие ги фотографираат и снимаат музичарите на улиците во Струга, Охрид и околните села – особено за време на викендите кога се одржувале и многу свадби. Дел од овие фотографии ќе бидат изложени на настанот, на кој се најавени обраќања на министерот за култура Роберт Алаѓозовски и амбасадорот на Кралството Холандија Ваутер Пломп.

извор: ОхридПрес

фото: архива

Facebook Коментари