„КИБОРГ“ со самостоен концерт на ТАКСИРАТ #20!

- Забава
699

ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ во рамки на програмата на јубилејното 20-то издание, има чест да го најави и самостојниот концерт на КИБОРГ, култното име на македонската сајбер-панк музичка сцена кое во музичката архива се запишува и како првиот индустријал бенд во Македонија! По 20 години пауза КИБОРГ се вратија на сцена минатата година со одличниот концерт на ПИН музичката конференција, кој воедно беше и еден од најпосетените од 30-те концерти кои се одржаа на ПИН. По ланскиот успех, КИБОРГ сега се повторно во атак со нивниот моќен аудио-визуелен концепт на извонреден сајбер-панк звук, овој пат со самостоен концерт на 6-ти декември во Младинскиот Културен Центар во Скопје!

Како бенд КИБОРГ започнува со работа кон крајот на минатиот век – летото ’95 во Скопје. Многу луѓе минуваат низ бендот, но поради раната фаза на трансплантација, се појавија проблеми со инфекции, отфрлање на делови и силни воспаленија. По многу жртви, конечната постава беше дефинирана. Направија неколку свирки, фестивали и се разбира, последнато шоу во ’96 со „Young Gods“, кое им обезбеди место во музичката историја. Во 1996 година издаваат лимитирана касета со 6 песни. По две децении, истите членови повторно се собраат за да продолжат со својот изворен CyberPunk, да проповедаат малку и се забавуваат …

КИБОРГ се: Дарко Јаневски – вокал, Перо Стефановски – гитара, Горан Атанасов – тапани, Влад Каевски – клавијатури.

Билетите за концертот на КИБОРГ се веќе пуштени во претпродажба, онлајн и во сите продажни места на МкТикетс, со цена од 200 денари. На денот на концертот, нивната цена ќе биде 300 денари.

Покрај овој настан, во одбележувањето на јубилејниот 20-ти ТАКСИРАТ оваа зима во Скопје публиката ја очекуваат повеќе настани кои ќе се одржуваат од 29-ти ноември до 8-ми декември. Официјалното отворање на ТАКСИРАТ #20 на 29-ти ноември е со ПИН музичката конференција и шоукејс фестивал која ќе се одржува до 1-ви декември во МКЦ, а во наредните „Денови на Таксират“ веќе се најавени и театарско-сценскиот перформанс на РАМБО АМАДЕУС – „Вечер на гломазна поезија“ на 3-ти декември, концертите на AT THE GATES на 4-ти декември и КИБОРГ на 6-ти декември, и ЛУЗЕР ФЕСТ на 7-ми декември во МКЦ Скопје.

Главната вечер на ТАКСИРАТ #20 ќе се одржи на 8-ми декември во Арената „Борис Трајковски“. Веќе е потврден првиот гостин за завршницата на големата прослава, и тоа MANDO DIAO, славниот шведски инди-рок бенд кој прв пат ќе гостува со концерт во Македонија, но и многу други значајни музички имиња кои ќе бидат објавени наскоро.

Strugaonline

Facebook Коментари