Првите странски изведувачи на Д ФЕСТИВАЛ: FINK, PUSSY RIOT и WHO SEE за прв пат во Македонија!

- Забава
917

По првиот бран изведувачи, а кој го сочинуваат извонредните артисти од современата македонска музичка сцена ГОРАН ТРАЈКОСКИ, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, како и скопското андерграунд трио ПАЛИНДРОМД ФЕСТИВАЛ ги претставува и првите странски артисти за годинашното, осмо издание. Во оваа листа на изведувачи, се запишуваат три нови и исклучително атрактивни имиња кои за прв пат ќе настапат во Македонија и тоа: eдна од најголемите ѕвезди на новата светска музичка сцена FINK од Велика Британија, омилениот хип-хоп тандем во регионов WHO SEE од Црна Гора и руската активистка, уметница и основачка на PUSSY RIOT – Марија Аљохина со музичкиот и театарски проект „Riot Days by Pussy Riot Theatre“!

FINK, извонредно талентираниот и страстен англиски кантавтор придружуван од својот бенд, гостува на Д Фестивал на 8-ми јули кога на главната бина ќе ни го претстави новиот албум Resurgam и инспиративната музика преполна со искрени емоции преточени во квалитетен блуз/инди-рок звук. Fin Greenall англичанецот пораснат во Бристол, својата повеќеслојна, уникатна и сега веќе богата музичка кариера ја гради од почетокот на ’90-тите години, водејќи се од инстинктот и љубовта кон музиката без ограничувања и жанрови. На почетоците тој сериозно се впушта во светот на електронската музика кога неговите дела ги препознава светски познатата дискографска куќа за кросовер електронска музика Ninja Tune со која потпишува договор. Greenall работел и на различни позиции за водечките дискографски куќи како Virgin, DEF и Sony каде што стекнува богато искуство како продуцент, а својот квалитет на ова поле го овековечи продуцирајќи ги првите остварувања на трагично починатата дива на модерната соул музика Amy Winehouse.
Во 2006-та година Greenall заедно со Tim Thornton и Guy Whittaker започнува да компонира целосно поинаква музика од претходните дела – модерна, органска поп музика проникната со блуз сензибилитет. Под името FINK го објавуваат кантавторскиот албум Biscuits for Breakfast, стекнува репутација на музичката сцена, станува омилен изведувач и на најголемите ѕвезди, сѐ повеќе проширувајќи ја својата фан-база со секое следно издание и освојувајќи ги најважните музички топ листи и највисоките оценки од критиката.

Истиот ден, на 8-ми јули Д Фестивал ќе биде домаќин и на основачката на Pussy Riot, руската новинарка, активистка и уметница Марија Аљохина! Добитничката на наградите The Hannah Arendt и The LennonOno Grant for Peace, ќе ни го претстави нејзиниот музички и театарски проект „Riot Days by Pussy Riot Theatre“ подготвен врз основа на нејзината последна книга Riot Days. На главната бина на Фестивалот ќе го погледнеме перформансот за активизмот, политичкиот отпор, злоупотребата на моќта, нечовечните услови во затворите, но и за надежта за подобро општество. Не треба многу да се објаснува кои се Pussy Riot, рускиот арт колектив веќе глобално важи за еден од најзначајните активистички гласови во последните 10 години, а членовите на Pussy Riot со нивното бескомпромисно и упорно залагање за човековите права и слободи, секако го заслужуваат своето место и внимание на фестивалите од калибарот на Д ФЕСТИВАЛ кои промовирајќи го фестивалскиот дух и акцентирајќи ги позитивните вредности претставуваат многу повеќе од само одлична музичка програма. Спојувајќи ги театарот, филмот и музиката, овој активистички проект на Марија Аљохина ја раскажува сторијата на дисидентската панк група затворена во Русија поради критикување на власта. „Слободата не постои доколку секојдневно не се борите за неа,“ – вели Аљохина. Нам пак, особено ни е драго дека покрај концертот, нивниот перформанс ќе го отвори и размислувањето за улогата на слободната уметност и нејзиниот однос со политиката.

Who See пак e првиот артист од регионот кој ни се придружува во програмата на Д Фестивал! Милениците на регионалната публика, которскиот хип-хоп тандем познат и по соработките со имиња како светската денс атракција Major Lazer, Frenkie и Рамбо Амадеус, ќе ни ги претстави најпопуларните хитови во живо на првиот фестивалски ден, 6-ти јули на главната бина. Бендот на почетокот на 2000-тите го оформија Dedduh (Дејан Дедовиќ) и Noyz (Марио Ѓорѓевиќ) објавувајќи ја првата демо песна „Dim po dim“. Во 2007-ма го објавија дебитантскиот албум „Sviranje kupcu“, но фокусот на пошироката јавност го достигнаа по објавувањето на синглот „Reggaeton Montenegro“ и албумот „Krš i drača“ во 2013-та. Препознатливи по своите вицкастите текстови во опуштена изведба и карактеристичните спотови, тие без проблем истата година ја освоија и MTV наградата за најдобар регионален изведувач. Нивниот најуспешен албум „Nemam ti kad“ е објавен во 2014-та, а носечките синглови „Nemam ti kad“ и „Dje se kupaš“ се најдоа на самиот врв на сите регионални топ листи. Актуелниот албум пак, „Pamidore“ (2017) го најавија со песната „Naselje“ која стана инстант хит.

Facebook Коментари